Фудбалерите на Ливерпул се првите финалисти во Лигата на шампионите, а најголемата ѕвезда на „Црвените“, Мохамед Салах, изјави дека би сакал Реал Мадрид вечерва да го исфрли Манчестер Сити во второто полуфинале.
Во првиот натпревар Сити славеше со 4:3, а Салах сака Реал да се пласира во финалето за да му се одмазди за поразот во финалето во 2018 година.
Да потсетиме, тогаш Египќанецот мораше да го напушти теренот во 31. минута поради повреда по грубиот фаул на Серхио Рамос, а Реал победи со 3:1.
„Сакам да играм во финалето со Реал Мадрид! Сити е навистина добар тим, игравме против нив неколку пати сезонава, но ако мене лично ме прашате кој би сакал во финалето, тоа би бил Реал! Секако, поради загубеното финале во 2018 година“, рече Салах.
Финалето на Лигата на шампионите ќе се одигра на 28 мај на „Стад де Франс“ во Париз.