УЕФА го одби барањето на Наполи реваншот од осминафиналето во Лигата на шампиони против Барселона да се игра на неутрален терен.
На првата средба на „Сан Паоло“ резултатот беше 1:1, а „Партенопеите“ ќе гостуваат на „Камп Ноу“ на 8 август.
Газдата на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, вчера изјави дека УЕФА треба да го премести реванш натпреварот од Барселона на друга локација поради тешката епидемиолошка ситуација со COVID-19 во Каталонија.
Но, УЕФА го одби барањето бидејќи не сака да му даде предност на Наполи поради натпреварот одигран дома.
„Во контакт сме со локалните власти во Барселона. Натпреварот ќе се игра како што беше планирано, во Барселона“, стои во соопштението на УЕФА.
Локалните власти во Каталонија во саботата воведоа дополнителни рестрикции поради ширењето на коронавирусот, а една од нив е 14-дневна забрана за организација на спортски настани, која ќе истече непосредно пред денот на одржувањето на натпреварот Барселона - Наполи.
Барселона последен пат играше на „Камп Ноу“ на 16 јули, кога изгуби со 2:1 од Осасуна.