Светскиот рекордер во спринт на 100 и 200 метри, Усеин Болт се раздели со Централ Коуст Маринерс. Австралискиот клуб објави дека Болт го одбил предложениот договор.
– Иако не успеавме да се разбереме да продолжиме со фудбалската авантура на Усеин Болт во Централ Коуст Маринерс, за нас беше многу возбудливо да имаме олимписки шампион во спринт и светски рекордер во составот во минатите осум недели, изјавија од клубот.
Болт пак изрази благодарност до сопствениците, раководство, тренерскиот штаб, играчите и навивачите на тимот за дадената шанса и му посака успех на тимот.
Пред да пристигне во Маринерс, 32-годишниот поранешен спринтер изјави дека бил контактиран од неколку ниско-профилни европски тимови. Агентот на Болт претходно изјави дека спринтерот одбил понуда на малтешкиот шампион Валета за двогодишен договор.