Поранешниот југословенски и хрватски фудбалер Звонимир Бобан повеќе не е функционер на УЕФА, откако реши да ја напушти функцијата.
Хрватот ја извршуваше функцијата прв човек на фудбалот во УЕФА од 2021 година, кога на таа функција беше назначен на лично инсистирање на претседателот на европската куќа на фудбалот, Александер Чеферин.
УЕФА излезе со соопштение во врска со неговото заминување.
„УЕФА сака да го објави консензуалното заминување на Звонимир Бобан од организацијата. Бобан ѝ се приклучи на организацијата во 2021 година како шеф на фудбалот и иницираше неколку значајни проекти во техничкиот развој, вклучувајќи го и формирањето на Фудбалскиот одбор на УЕФА и Младинскиот фудбалски форум. УЕФА сака да му се заблагодари на Бобан за неговата посветена услуга и му посакува многу среќа во неговите понатамошни потфати во кариерата“, се вели во краткото соопштение на УЕФА.
Од друга страна, Бобан во отворено писмо истакна дека поднел оставка од функцијата поради несогласувања со првиот човек на Европската фудбалска унија, Александер Чеферин.
„Зборував со претседателот на УЕФА за проблемот што се случи за време на последниот состанок на Извршниот комитет на УЕФА во Хамбург. Станува збор за предлогот за измена на статутот на УЕФА за да му се дозволи на Чеферин, на следниот конгрес на 8 февруари во Париз нова кандидатура по овој мандат, кој требаше да му биде последен.
Парадоксално, во 2017 година, токму Чеферин предложи и иницираше пакет реформи кои требаше да ги заштитат УЕФА и европскиот фудбал од 'лошиот менаџмент' што беше 'modus operandi' на стариот, корумпиран и веќе обвинет систем толку пати. Главните две точки на реформите беа дека ниту претседателот ниту членовите на Извршниот одбор не можат да се кандидираат за функција повеќе од три пати (12 години) и беше воведена старосната граница од 70 години за сите членови на Извршниот одбор.
Во овие три години односот и соработката со Александер и сите мои колеги во УЕФА беа одлични – им благодарам за тоа, им посакувам сѐ најдобро.
Жал ми е и тажен сум, но ја напуштам УЕФА“, стои во писмото на поранешниот фудбалер на Динамо и Милан.