Актуелниот тренер на Барселона, Чави Ернандес, кој има уште една година од договорот со клубот од „Камп Ноу“, ја разгледува можноста да ја преиспита својата одлука да ја напушти клупата на крајот од сезоната.
На почетокот на годината Чави сензационално најави дека ќе го напушти клубот на крајот на сезоната, но денеска се појави информација дека Чави верува дека може да продолжи со досегашната работа бидејќи ја почувствувал поддршката од раководството на клубот.
Поранешниот шпански репрезентативец има многу добри односи со спортскиот директор Деко, како и со претседателот Жоан Лапорта и со потпретседателот Рафа Јуст, а се вели дека постои можност тој да продолжи да ја извршува улогата на тренер на Барселона.
Тројцата му изразија поддршка исто како и важните фудбалери во тимот и му ја пренесоа желбата да остане на клупата, што на крајот може да се случи.
Сепак, Чави знае дека на тимот му требаат промени и одредени засилувања, па клупските челници работат на тоа и планираат да го доведат Гвидо Родригес, чиј договор со Бетис истекува на лето, како и Дани Олмо со кој Деко веќе имаше неколку разговори.
Исто така, Чави сака да ја предводи Барселона на новиот стадион, а објавувањето на оваа одлука се очекува во следните неколку дена.
Овој 44-годишен стручњак пристигна во Барселона во ноември 2021 година и со Каталонците освои една титула во Примера како и трофеј од Суперкупот на Шпанија.