Британскиот боксер Томи Фјури (23) синоќа го победи јутјуберот Џејк Пол (26) во долгоочекуваниот дуел во Саудиска Арабија.

Борбата се договараше повеќе од една година, а синоќа конечно се сретнаа во рингот во градот Дирија во Саудиска Арабија.
Многу поголем притисок имаше Фјури, кому пред борбата му се закануваше постариот брат Тајсон, светскиот шампион на ВБЦ во тешка категорија.
„Ако Томи не може да го победи Џејк Пол, јас лично ќе го пензионирам. Заборавете на боксот ако не победи. Тој има амбиции да стане светски шампион и да победи некое момче од YouTube не треба да биде проблем“, Тајсон му порача на Фјури.
Томи не го изневери и славеше по 8 рунди со поделена судиска одлука (76-73, 76-73, 74-75).
Борбата во крузер категоријата привлече големо внимание, а на неа присуствуваа дури и Кристијано Роналдо со својот син.
Самиот настан беше организиран на највисоко ниво. Боксерите ги најави легендарниот Мајкл Бафер, а во публиката беше дури и Мајк Тајсон.
Фјури ја продолжи одличната серија и сега има 9 победи од исто толку борби.
Пол, кој првпат се сретна со сериозен боксер во рингот и го доживеа првиот пораз по 7 борби, веднаш побара реванш.
На крајот, треба да се додаде дека и двајцата борачи финансиски многу добро поминаа бидејќи ќе поделат 8 милиони долари.