Враќање на теренот и на победничките патеки. Новак Ѓоковиќ ја надмина првата пречка и во второто коло на Мастерсот во Монте Карло го совлада Русинот Роман Сафиулин со 6:1, 6:2.
Српскиот ас беше слободен во првото коло, а денеска се чинеше дека преку мрежата е спаринг партнер, а не 41. тенисер на планетата. Во првиот сет Ѓоковиќ експресно поведе со 4:1 и немаше спас за Сафиулин, најдобриот во светот мирно го приведе првиот дел до крајот и дојде до почетната предност.
Русинот одигра минимално подобро во вториот сет, но веќе во четвртиот гем претрпе брејк кој Новак со мала мака го потврди и повторно поведе со 4:1, а потоа ја забележа првата победа по речиси еден месец.
Во третото коло Ѓоковиќ ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Французинот Артур Филс и Италијанецот Лоренцо Музети кој е закажан за подоцна вечерва.
За потсетување, српскиот тенисер за првпат стапна на теренот по раната елиминација од Индијан Велс, а ова воедно му е прв дуел откако ја прекина соработката со Горан Иванишевиќ, па во Монте Карло друштво му прави Ненад Зимоњиќ.