Новото засилување на Лацио на потешкиот начин ќе мора да сфати дека партизански песни во клуб чии навивачи ја гаат фашистичката идеологија не поминуваат лесно.
После шест сезони минати во Наполи, албанскиот репрезентативец Елсеид Хисај летово како слободен играч ја засили десната латерала на Лацио. На својата прва средба со новите соиграчи одлучи да им ја запее популарната песна „Bella Ciao“ и на самиот старт направи беља.
Освен што не се потрудил барем да го научи текстот на неколку стихови, па читаше од мобилен, го навлече гневот на навивачите на „Бјанкочелестите“ поради идеолошка причина.
Имено, „Bella Ciao“ е партизанска песна во која се пее за ослободувањето на Италија од фашизмот на Бенито Мусолини. За негова несреќа, дојде во дувлото на најголемите поддржувачи на фашизмот во Италија и веројатно единствените кои сѐ уште тагуваат по големиот Ил Дуче - навивачите на Лацио.
Да биде иронијата поголема, Хисај е социјалист и јавно деклариран поддржувач на Солијалистичката партија на Албанија (ПСШ) на Еди Рама. Родум од Скадар, Хисај на 14-годишна возраст се приклучи во акдемијата на Емполи од каде во 2015 дојде во Наполи.
На социјалните мрежи настапот на Хисај предизвика лавина реакции. Навивачите на останатите клубови им се смеат на лацијалите, додека навивачите на Лацио не се среќни со пеењето на Албанецот, а некои отидоа и предалеку со коментарите.
„Никогаш за милион години не би помислил дека играч на Лацио, облечен во целосна опрема, ќе ја пее 'Bella Ciao'“.
„Кутриот, нема појма дека дошол во најфашистичкиот клуб во Европа“.
„Изгледа помислил дека направил трансфер во Ливорно“, вели еден коментар алудирајќи на фактот што навивачите на Ливорно се комунисти.
„Како лацијал и фашист мислам дека Хисај постапи добро“, иронично вели еден навивач на Лацио.
„Мала е разликата од Ди Канио до Хисај“.
„Овој мора да е луд, каков лош почеток“.
„Нека му е лесна земјата“.