Коронавирусот е активен на човечка кожа и до девет часа, петпати подолго од вирусот на грип, утврдија јапонски научници, а нивното откритие повторно укажува на потреба за често миење раце, со цел што е можно поефикасна борба против пандемијата со COVID-19.
За споредба, патогенот што предизвикува грип на кожата преживува помалку од два часа, покажува студија објавена во октомври во списанието Clinical Infectious Diseases.
„Деветчасовното преживување на SARS-CoV-2 на човечка кожа може да го зголеми ризикот од негово пренесување преку контакт во споредба со вирусот на инфлуенца А, а тоа ќе се забрза ширењето на пандемијата“, предупредуваат јапонските научници.
Во нивната студија, тие тестирале примероци на кожа земени за време на постапката за обдукција приближно еден ден по смртта на пациентот.
И коронавирусот и вирусот на грип се деактивираат во рок од 15 секунди со употреба на етанол кој се наоѓа во средствата за дезинфекција на рацете.
„Подолгото преживување на SARS-CoV-2 на кожата го зголемува ризикот од пренесување контакт, но редовната хигиена на рацете може да го намали тој ризик“, се вели во студијата.
Студијата ги охрабрува препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за редовно и темелно миење на рацете за да се ограничи преносот на вирусот.
Од избувнувањето на пандемијата во Кина на крајот од минатата година до денес, во светот се регистрирани најмалку 1.105.691 смртен случај како резултат на COVID-19 и скоро 39,4 милиони случаи на инфекција.