Младата македонска фудбалска репрезентација одигра нерешено со силната Украина попладнево во рамките на квалификациите на ЕУРО 2023.

Украинските фудбалери беа подобри во текот на натпреварот, иако македонските на периоди знаеја да се покажат. Во 25. минута Мудрик ја затресе пречката од македонскиот гол, а водството дојде пред паузата. Истиот играч изведе корнер од левата страна, одлично нафрли и Олександр Сирота со глава заби во домашната мрежа.
Македонската игра драстично се промени откако селекторот во игра го внесе Лука Станковски, кој останува нејасно зошто упорно е резерва. Тогаш отсечениот напад се размрда, а стигна и израмнувањето, иако по грешка на гостите. Украинците згрешија при додавање во одбраната, пресече Гроздановски и погоди за 1:1.
Тој гол им даде крилја на младите Македонци кои добија на самодоверба. Двете репрезентации создадоа шанси, Украина на крајот имаше и нова пречка преку Бондаренко, а резултатот остана непроменет.
За Македонија настапија: Денковски; Антовски (72' Воша), Младеновски, Манев, Хајдари; Шеји, Фазлагиќ (к), Али (90'+3 Тодоровски); Рустемоски (54' Станковски), Ѓорѓиевски (53' Илиевски), Гроздановски (73' Рамадани).
Моментална табела:
- Франција 10
- Украина 10
- Македонија 6
- Фарски Острови 5
- Србија 4
- Ерменија 3
Вечерва од нашата група се гра натпреварот Франција - Ерменија, додека утре играат Србија - Фарски Острови.