Околу 2.700 студенти, корисници на стипендии од изминатите академски години, ќе добијат покачување на средствата, односно наместо досегашните 3.000 денари, овие студенти во иднина ќе земаат стипендии во висина од 6.050 денари, соопштија денеска од Министерството за образование и наука (МОН).
Од МОН потенцираат дека со оваа одлука одговориле на барањата на студентите и уште еднаш ја потврдиле заложбата за еднаквост и грижа за оваа категорија граѓани.
Студентите корисници на оваа категорија стипендии, во текот на идната недела ќе бидат информирани за начинот и постапката за регулирање на ова право.
Министерството за образование и наука (МОН) ги информира корисниците на студентски стипендии и субвенциониран студентски оброк, дека од вчера почна исплатата на финансиските средства.
Како што наведуваат во соопштение, согласно податоците, 3.415 студенти ќе добијат средства за четири месеци, односно ќе бидат исплатени стипендиите за месеците октомври, ноември, декември 2022 година и за месец јануари оваа година.
Корисниците на правото за субвенциониран студентски оброк, односно 28.986 студенти, исто така во текот на идната недела ќе добијат средства за минатиот месец, односно за декември 2022 година.