Концепти

Не е Tesla, ама е Nikola

12. февруари 2020 - 13:43 | А.С.

Натпреварот кој ќе направи поинтересен и пофункционален електричен пикап продолжува со полна пареа.

Крајот на минатата година го обележа контроверзниот Cybertruck на Tesla, но во 2020 година се чини ќе заблеска еден друг пикап на струја.

Компанијата Nikola ги објави техничките детали, како и компјутерски рендери за електричниот пикап Badger. Nikola Motor Company е американски производител на хибридни камиони и пикапи со седиште во Феникс, Аризона. Основана е во 2014 година во Солт Лејк Сити, Јута, а името го добила по научникот и пронаоѓач Никола Тесла.

Во споредба со Cybertruck на Tesla, Badger има поконвенционален дизајн, но исто така и модерен дизајн на внатрешноста. Возилото е долго 5.900 мм, широко 2.160 мм и високо 1.850 мм.

На рендерите е претставена т.н. double cab верзија, со два реда седишта покрај товарниот дел, а засега не е соопштено дали Nikola ќе прави и single cab верзија.

Во план е да се произведуваат две варијанти, но се се знае кои ќе бидат тие. Иако и двете се електрични, едната ќе користи водородни горивни ќелии за производство на електричната енергија во самото возило, додека другата ќе се потпира само на батериите и нивно полнење на струја.

Класичната електрична верзија ќе биде опремена со литиум-јонски батерии со капацитет од 160 kWh и ќе има автономија до 483 километри. Моделот со водородни горивни ќелии ќе може да помине и до 966 километри со „полн резервоар“.

Постигнувањето на олку голема автономија е можно благодарение на тоа што варијантата со водородни горивни ќелии ќе има батерии што ќе може да се полнат и со кабел на полнач, па ќе може да ги користи наизменично резервите на струја.

Од Nikola истакнуваат дека електричниот пикап ќе има максимална моќност од 919 коњски сили, додека возачот секогаш ќе има на располагање најмалку 426 кс. Максималниот вртежен момент ќе изнесува 1.329 Nm. Компанијата Nikola наведува дека Badger ќе може да влече до 3.629 килограми.

Плановите за производство и цената на овој пикап не се официјално соопштени, но предвидено е возилото да биде претставено во продукциска верзија во септември годинава.

Коментирај