Мет Гала е дефинитивно најочекуваниот моден настан во годината кој собира многу светски ѕвезди на скалите на Метрополитен музејот на уметноста.

Секоја година, Мет Гала со Ана Винтур како претседател на организацијата претставува интересна тема која носи раскошна презентација на модната историја.
За 2024 година, темата е „Sleeping Beauties: Reawakening Fashion“ (Заспани убавици: Повторно будење на модата). Изложбата ќе биде посветена на „заспани“ парчиња, односно заборавени креации и кревки облеки создадени низ последните 400 години.
Институтот објави дека изложбата ќе вклучува предмети како корсет од XVII век и англиската елизабетанска ера, балска тоалета од Чарлс Фредерик Ворт, потоа познати креации на Кристиан Диор (вечерни фустани Junon и Venus) и иконската креација, фустанот Oyster од Александер МекКуин.

За потсетување, темата на Мет Гала 2023 беше посветена на починатиот моден гигант Карл Легерфелд.