Пендаровски: Во ЕУ не се оди како ничија земја, како дрво без корен

Скопје, 22 декември 2021 (МИА) – Крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог. Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен, истакна претседателот Стево Пендаровски денеска во годишното обраќање во Парламентот.

Ние, како што истакна шефот на државата, имаме светски референтни дела на тој план и не смееме да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, не заради нив. Затоа, како што посочи, е потребна далеку поголема грижа за нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет.

-Децениските оспорувања на нашиот идентитет, нè натераа да се свртиме повеќе кон заштитата и промоцијата на националното културно наследство. Меѓутоа, во транзицијата, за жал, надвладеа вулгарниот нео-либерален концепт на тотална комерцијализација и во сферата на културата што во суштина задуши многу креативни акции на умот, рече Пендаровски.

Во средината на 2022 ќе се комплетира и објави финалниот документ за МКД 2030

Претседателот Пендаровски во денешното годишно обраќање во Парламентот, рече и дека пред две години, токму од ова место, го најавил проектот МКД 2030 кој, како што посочи, беше замислен да ја постави стратешката рамка за развој на државата во следните 10 години.

-За жал, поради пандемијата, како и кај многу други проекти, работата на овој документ беше забавена, се разбира, не и заборавена. До овој момент, во рамките на повеќето работни групи кои се активни, свој придонес дадоа истакнати поединци од академската и бизнис заедницата, од граѓанскиот сектор, од ресорните министерства, од Собранието, стопанските комори, синдикатите, и од власта и од опозицијата. Иако светот изминатава година беше во карантин, ангажиравме и десетина истакнати интелектуалци од странство и од нашата дијаспора, за што на сите искрено им благодарам, истакна Пендаровски.

Сите тие, како што посочи шефот на државата, имаа комплексна задача пред себе, затоа што членството во НАТО ја постави земјата во нов геополитички контекст, додека во исто време регионот на Западниот Балкан полека, но, сигурно започна да излегува од стратешките перспективи на големите сили.  Пандемијата, како што додаде, ги изложи на увид на јавноста сите системски слабости на општествената инфраструктура, како и областите во кои е потребно инвестирање како подготовка за пост-ковид светот.

-Документот ќе содржи проценка на нашите силни, но, и слабите страни кои ќе бараат повеќе инвестиции и човечки капитал, со препорака каде да ги фокусираме нашите напори, со крајна цел, подобар живот за сите. При тоа, МКД 2030 ќе акцентира повеќе меѓузависни теми и области, од дигитализацијата, децентрализацијата и демократизацијата, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, сè до образованието и науката и борбата против масовното иселување на младите, нагласи Пендаровски.

Шефот на државата најави дека во средината на 2022 ќе се комплетира и објави финалниот документ и изрази надеж дека од надлежните институции тој ќе биде преточен во Национална развојна стратегија, а, во годините кои доаѓаат ќе биде имплементиран од сите идни политички влади, без разлика на која политичка опција припаѓаат. Крајната цел, како што потенцира Пендаровски, е да создадеме структурирани системи со длабоки темели и со внатрешен потенцијал да опстојуваат самостојно, а не да зависат од тоа кој е на нивното чело.

Да не се брза со решавањето на проблемот со Бугарија, силите да ги насочиме кон реформите дома

Претседателот Пендаровски смета дека во  решавањето на спорот со Бугарија со цел одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската Унија не треба да се брза, затоа што, како што вели, кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник. Наместо тоа, нагласува Пендаровски, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.

Тој нагласи и дека не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. И доколку ваквата ситуација потрае, потенцира Пендаровски, нам не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.

-Откако нашиот пат кон ЕУ унија беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани, порача Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.

Тој нагласува дека од почетокот на бугарската блокада, до денес, се залага за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што, според него,  се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник.

-Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид, рече претседателот во обраќањето на кое присуствуваа и високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници.

Според него, од новата Влада во Бугарија и од претседателот кој има нов мандат се испраќаат и поинаку интонирани пораки.

-Со дел од нив сум целосно согласен. Имено, акцентот во нашите односи да го пренесеме, од минатото во сегашноста и наместо за етничките чувства на луѓето од пред 10 векови, да зборуваме за иднината, за енергетско и инфраструктурно поврзување и, на пример, за Коридорот 8 кој никогаш не стана конкурентен на коридорот 10, се разбира, на штета и на македонските и на бугарските национални интереси, вели претседателот Пендаровски.

Тој се осврна и на тезата, повразна со, како што рече, блокадата на европските интеграции, а се однесува на тоа е дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата.

-Денес овде пред вас, сакам јасно да кажам дека се работи за анализи и предвидувања кои не се втемелени во реалноста и кои можат само непотребно да ги вознемират граѓаните. Ние сме членка на НАТО, директно граничиме со три членки на Алијансата, а во Европската унија сите членки освен една, сметаат дека за почетокот на тој процес имаме направено повеќе демократски реформи од било која друга држава-кандидат, во моментот кога требала да ги започне преговорите. Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока, рече претседателот Пендаровски.

Тој порача дека граѓаните можат да бидат спокојни, и нагласи дека и ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.

-Меѓутоа, можно е нешто друго. Искуството по НАТО самитот во Букурешт 2008-та не учи дека е можно демократско назадување и облици на авторитарно и популистичко владеење на поединец, група или партија. Но, одговорноста за таков евентуален развој на настаните нема да лежи кај нашите граѓани, туку кај нас – политичарите. Ние мораме да покажеме дека конечно ги имаме научено трагичните лекции од нашето скорешно минато кога бевме на самиот раб на поширок граѓански судир, рече претседателот Пендаровски.

Преголемата фокусираност на преговорите со ЕУ, смета претседателот Пендаровски, го фрлиле во втор план, она што е суштина во меѓународните односи, процесите на градење на добри билатерални односи, пред се, како што рече, со земјите со кои споделуваме исти цели и вредности.

-Оттука, во наредниот период ќе биде неопходно со новата влада со забрзано темпо да пристапиме кон пополнување на испразнетите амбасадорски места и со здружени напори да посветиме поголемо внимание на билатералните релации кои опфаќаат многу повеќе аспекти, отколку само поддршка за членство во Европската Унија, рече Пендаровски во новогодишното обраќање.

Мора да продолжи инвестирањето во одбраната и безбедноста, тие се основа за функционирање на општеството

Членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани. Иако здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, мора да останеме посветени на вложувањата во одбраната и безбедноста затоа што тие се основата за функционирање и на сите други општествени сектори, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во редовното новогодишно обраќање пред пратениците во Собранието, на кое присуствува високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници во земјава.

Претседателот истакна дека низ примери од годинава може искуствено да се види дека инвестирањето во одбраната значи инвестирање и во справувањето со тешки ситуации и во сосема други области. Сите, нагласи Пендаровски, бевме сведоци за ангажираноста на Армијата во текот на најголемите пикови на пандемијата кога делови од армиските единици беа ангажирани во поддршка на здравствените и други институции во државата иили на пожртвуваното учество на Армијата во справувањето со пожарите во текот на ова лето.

-Членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани. Следната голема реформа која е веќе во тек во западните системи на областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето е заради подобро соочување со хибридните и кибер/сајбер закани, и со нивниот најистурен аспект, дезинформациите. Пандемијата ни покажа колкава може да биде моќта на дезинформациите врз јавното мислење. Наспроти сите егзактни статистички показатели кои докажуваат дека помошта во медицинска опрема и вакцини од Европската Унија и на билатерална основа од десетина членки на западната алијанса е убедливо најголема, генералната перцепција меѓу граѓаните е дека западниот Балкан беше заборавен од нашите сојузници, рече претседателот Пендаровски.

Тој верува дека наш национален интерес е, час поскоро, на системски начин, да почнеме да ја унапредуваме медиумската писменост на граѓаните, особено на младите во основните и средните училишта. Тие дигитални генерации се деца на глобализацијата, пораснати се на интернет, и за да не станат први жртви на дезинформациите треба да знаат самите да ги препознаваат. Во спротивно, вели, самопрогласените пророци на социјалните мрежи ќе ја добијат битката со најголемите светски умови и ќе натераат многу наши граѓани да веруваат во конспиративните теории, наместо во науката и здравиот разум.

-Во врска со новите безбедносни предизвици сакам да укажам на една потенцијална опасност со која се соочуваат и многу држави, далеку поразвиени од нас и во економска и во демократска смисла. Имено, зад параванот на таканаречените големи инвестиции и инфраструктурни вложувања некогаш се кријат стратешки мотиви за полесен пристап кон нас и овој дел на Балканот. Како дел од обврските што сега ги имаме како членка на НАТО, но, и заради усогласување со европската безбедносна политика, минатата година со американската влада потпишавме Меморандум за разбирање со кој се оневозможува инсталирање на чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани. Со други зборови, државата има обврска сите најави за големи странски вложувања да ги проверува и од безбедносен и од стратешки аспект, независно колку тие изгледаат економски атрактивно на прв поглед, рече претседателот Пендаровски во обраќањето.

Според него, исто така, исклучително важна е департизацијата на институциите во сферата на одбраната и безбедноста. Политиката, нагласува, мора да ја држиме што подалеку од армиските редови и од службите.

-Вработените во овие институции, се разбира, како и секој граѓанин, имаат право на свое лично политичко убедување, но, кога во нивното работење се соочуваат со дилемата: партијата или државата, тие мораат да ѝ служат единствено на државата, независно од политичката гарнитура на власт. Припадниците на безбедносните служби кои сакаат да се бават и со нивната професионална работа и со политика, ќе мораат да се определат или за едното или за другото, рече Пендаровски.

Тој во говорот потсети дека земјава пред еден месец потпиша заедничка декларација со НАТО со која и формално го заокруживме процесот на военото интегрирање во Алијансата.

реклама

3 симптоми на недостаток на витамин Б12 што се забележуваат при јадење

Read more

Како настанува нафтата? 5 факти што секој треба да ги знае

Read more

Кардиолозите открија кој протеин е најдобар за здравјето на срцето

Read more

Го донесе Југото во Америка, а сега претставува електричен автомобил за широките маси

Read more

Македонија

Фирма од Чаир монтира небезбедно панорамско тркало во Карпош, обвини Град Скопје

Read more

Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Read more

Европски фронт: Ниту една влада не може да го раскине договорот со „Бехтел и Енка“

Read more

Кривичен суд го добил барањето од Палевски за адвокат

Read more
 

Вести

Фирма од Чаир монтира небезбедно панорамско тркало во Карпош, обвини Град Скопје

Читај повеќе

Премиера на претставата Парови во Драмскиот театар – Скопје

Читај повеќе

Зеленски: Русија нема сила повторно да го нападне Киев

Читај повеќе

Вработена во МВР фатена со мито од 12.500 евра

Читај повеќе
  • play_arrow
  • filter

Франција изгуби контрола над делови од Нова Каледонија: Истрели и експлозии одекнуваат низ островот

Читај повеќе

Судир на два воза во Србија: Има повредени, нема загинати

Читај повеќе

Зa 20 години Хрватска ќе биде празна, младите си заминуваат: Мрачни прогнози на германските медиуми

Читај повеќе

Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел

Читај повеќе

Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Читај повеќе