Ибрахимовиќ не беше задоволен што во 61. минута беше заменет со Емерсон Леау на гостувањето кај Наполи, само минута откако домаќините поведоа со 2:1. Наместо Милан со Ибра да брка израмнување, Ибра се пресели на клупата. Швеѓанецот беше многу лут кога ја напушташе играта, но тренерот Стефано Пиоли не е загрижен за неговата реакција, ниту пак му замерува.
„Тој е роден победник, нормално е да излезе од терен лут во момент кога го губи натпреварот. Него повредата му направи проблем, му ја наруши кондицијата и затоа не може секогаш да игра одлично“, вели стратегор на „Росонерите“.
Ибра кога излезе од теренот бесот го истури врз едно шише со вода. Милан потоа успеа да дојде до израмнување и да освои бод.
„Не се налути поради замената туку затоа што можевме да одиграме подобро во некои ситуации и затоа што тој самиот можеше да даде повеќе. На крајот сепак беше многу среќен. Неговата желба е да му помогне на тимот до крајот“, тврди Пиоли.