Разговорите меѓу американскиот и рускиот претседател – Џо Бајден и Владимир Путин почнаа денеска во Женева.
Пред самитот, претседателите на САД, Русија и домаќинот, Швајцарија – Бајден, Путин и Гај Пармелин – направија заедничка фотографија пред вилата Ла Гранж, каде што се одржува самитот, почитувајќи ја социјалната дистанца поради пандемијата.
Двајцата претседатели се ракуваа пред да започне самитот.
Путин му се заблагодари на Бајден за иницијативата за средбата и изрази надеж дека средбата ќе биде продуктивна, додека Бајден истакна дека средбата со Путин очи-во-очи е корисна.
Според очекувањата, разговорот би можел да трае пет часа. Двајцата претседатели ќе разговараат на тешки теми, од воени закани до човечки права.
Пармелин им посака успешен дијалог на Бајден и Путин и додаде дека е голема чест за Швајцарија да има можност да биде домаќин на двајцата претседатели. Тој им посака успех обраќајќи се на англиски и на руски јазик.