Дизајнерите кои ја создадоа внатрешноста на најтенкиот облакодер во светот споделија фотографии на кои е прикажан неговиот луксузен ентериер.

Њујоршката компанија Studio Sofield ја откри внатрешноста на Steinway Tower, новоизграден облакодер висок 435 метри, со поглед на Централ парк.
Со оваа објава е најавено завршувањето на раскошната градба во центарот на Менхетн. Облакодерот има 91 кат и 46 апартмани. Објавените фотографии покажуваат раскошен ентериер од мермер, челик и кадифе, но и оригинални уметнички дела на Пикасо и Матис.
Според компанијата, внатрешноста е дизајнирана да потсетува на златното доба на Њујорк, период кон крајот на 19 век кога градските булевари биле препознатливи по прекрасните куќи.
Основачот Вилијам Софилд за CNN изјави дека сака кулата да потсетува на уникатноста на Њујорк.
„Сите сме биле на луксузни места, но јас сакав да создадам зграда што не може да ја најдете на друго место во светот. Сакав да создадам посебно искуство кое може да се доживее единствено во Њујорк“, објасни тој.