Познатата црква во Барселона, Саграда Фамилија, 144 години по почнувањето на нејзината изградба, конечно ќе биде завршена во 2026 година, а за џиновските скали ќе бидат потребни дополнителни осум години.
Претседателот на организацијата одговорна за завршување на изградбата на ова ремек дело на Антонио Гауди го објави крајниот рок за завршување на работите, што се совпаѓа со стогодишнината од смртта на познатиот архитект.
Организацијата соопшти дека има доволно пари и материјали за да ја заврши градбата, вклучувајќи ја и централната кула од 172,5 метри посветена на Исус Христос, пишува The Guardian.
Иако зградата се планира да биде завршена во 2026 година, работата на скулптурите и украсните детали, како и скалите што ќе водат до главниот влез, ќе бидат продолжени до 2034 година. Кога започнале работите на градбата во 1882 година, околу неа имало само ниви, но во меѓувреме градот се проширил околу црквата.
Скалилата, кои ќе опфаќаат два големи градски блока, ќе вклучуваат раселување на околу 1.000 семејства и бизниси. И додека некои од следбениците на Гауди го оспоруваат ова, има и такви кои инсистираат дека скалите биле во плановите на Гауди од самиот почеток.

„Го следиме планот на Гауди во целост“, рече претседателот на организацијата задолжена за изградбата, додавајќи: „Ние сме негови наследници и не можеме да се откажеме од неговиот проект. Планот претставен на локалните власти во 1915 година, потпишан од Гауди, вклучува скалила.“
Тој додаде дека за планот разговарале и со градоначалникот на Барселона, Хауме Колбони, бидејќи локалната власт го има последниот збор.
„Немам кристална топка да ми каже кога ќе донесат одлука“, рече претседателот и додаде дека планот на Гауди ќе го следат „до последната буква“.
Од самиот почеток, нешто постојано ја забавуваше изградбата на Саграда Фамилија - војна, беспарица, а неодамна работите беа стопирани две години поради пандемијата со COVID-19.

Пред појавата на масовниот туризам, работата требаше да се финансира исклучиво од донации од верници, пишува The Guardian, што го направи протокот на пари непредвидлив и многумина се сомневаа дека работата некогаш ќе биде завршена.
Сепак, со децении се обезбедува стабилен проток на пари со наплата на влезници. Милиони туристи се подготвени да платат билет кој чини од 25 до 40 евра за да ја посетат оваа монументална градба.