Поранешниот НБА шампион со тимот на Голден Стејт Вориорс, Ото Портер, реши да ја заврши кариерата на 31-годишна возраст.
Портер изјави дека неговото тело не му дозволува да игра кошарка на нивото на кое би сакал, па поради тоа заклучил дека е време да ја заврши кариерата, иако е уште многу млад.
„Имав шанса да го живеам мојот животен сон да играм во НБА во текот на претходните 11 години. Врвот беше освојувањето на титулата во НБА. За жал, моето тело не ми дозволува да играм на нивото што го сакам и затоа решив да се пензионирам“, рече Портер.
Во 2013 година, Портер пристигна во НБА преку драфтот каде беше избран како трет пик од Вашингтон Визардс, за кој настапуваше во следните 6 години.
Потоа се пресели во Чикаго Булс, а подоцна играше за Орландо Меџик, Голден Стејт Вориорс и Торонто Репторс, кој е негов последен клуб.
Портер до шампионскиот прстен стигна во 2022 година во дресот на Голден Стејт, кој таа сезона во финалето го совлада Бостон Селтикс.
Најдобрата сезона во кариерата на Портер беше 2018/19 во Чикаго, кога имаше просек од 17,5 поени, 5,5 скока и 2,7 асистенции по натпревар.