Европските обвинители ја презедоа истрагата за наводни кривични дела во врска со преговорите за набавка на вакцини против коронавирусот што ги водеа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на Pfizer, Алберт Бурле, изјави портпаролот на обвинителството во белгискиот град Лиеж.
Инспекторите на Европското јавно обвинителство (ЕППО) во последните месеци ја презедоа истрагата од белгиските обвинители, кои ја истражуваа Фон дер Лајен за „мешање во јавни функции, уништување на СМС пораки, корупција и судир на интереси“, според правните документи во кои увид имал Politico и портпаролот на обвинителството во Лиеж.
Иако обвинителите на ЕППО ги истражуваат наводните злосторства, сè уште никој не е обвинет во врска со случајот. Истрагата првично беше отворена од белгиските власти во Лиеж на почетокот на 2023 година, откако локалниот лобист Фредерик Балдан поднесе кривична пријава. Жалбата на Балдан се фокусираше на наводна размена на СМС пораки помеѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на Pfizer, Алберт Бурле, пред најголемиот договор за вакцини на ЕУ во екот на пандемијата на коронавирус, во таканаречената афера Фајзергејт.
Балдан, 36-годишен белгиски лобист со врски со скептичката група за вакцини „Бон Сенс“, поднесе кривична пријава во Белгија поради улогата на Фон дер Лејен во преговорите за вакцини со Pfizer за, како што тврди, „мешање во јавните функции, уништување СМС, корупција и судир на интереси“, се вели во правните информации на неговиот адвокат.
Подоцна му се приклучија унгарската и полската влада, иако Варшава е во процес на повлекување на жалбата по изборната победа на проевропската влада предводена од премиерот Доналд Туск, изјави портпаролот на полската влада за Politico.
Американскиот весник The New York Times, кој прв откри дека размената се случила кога претседателката на ЕК и извршниот директор на Pfizer преговарале за условите на договорот, започна паралелна тужба против Комисијата откако ЕК одби да ја открие содржината на пораките по барањето за пристап до документи. Веста дека ЕППО сега го истражува случајот ризикува дополнителна проверка на улогата на Фон дер Лејен во огромниот договор за вакцини, кој се проценува дека вреди повеќе од 20 милијарди евра.
ЕППО спроведува паневропски истраги за финансиски криминал и теоретски може да заплени телефони и друг релевантен материјал од канцеларијата на ЕК или други земји во Европа, како Германија, од каде што е Фон дер Лајен. Ваквиот развој на настаните доаѓа во деликатен момент за претседателката на ЕК, бидејќи наскоро се европските избори, а во Брисел очекуваат Фон дер Лајен да добие втор мандат на чело на Европската комисија.
Комисијата засега одбива да ја открие содржината на СМС пораките или да го потврди нивното постоење. Договорот, склучен во екот на пандемијата во 2021 година, првично се сметаше за триумф на Фон дер Лајен, но огромната количина на купени вакцини предизвика чудење. На крајот на минатата година Politico откри дека пропаднала доза вакцини вредна најмалку 4 милијарди евра.
Договорот за вакцината со Pfizer оттогаш е повторно преговаран. Во 2022 година, ЕППО објави дека поопшто ја разгледува набавката на вакцини во ЕУ, но ова е првпат канцеларијата експлицитно да се поврзе со таканаречениот Фајзергејт.
Случајот што сега го разгледува ЕППО обединува неколку различни правни, политички и финансиски текови и се вкрстува со тужбите што ги покрена фармацевтскиот гигант Pfizer против Унгарија и Полска. Pfizer ги тужеше Унгарија и Полска за неплаќање на дозите на вакцините откако ги запре испораките.
Унгарија, предводена од премиерот Виктор Орбан, жесток противник на Фон дер Лајен, исто така поднесе жалба за улогата на претседателката на ЕК во преговорите за вакцината со Pfizer, изјавија двајца извори запознаени со ова прашање, кои побараа да останат анонимни. Полска поднесе жалба во ноември минатата година, потврди портпаролот на полската влада. Сепак, како што наведе, по изборот на Доналд Туск за премиер во декември минатата година, „новата влада работи на повлекување на Полска од овие процедури“.
Официјален претставник на Европската комисија изјави дека ЕК нема сознанија за можни дејствија освен за написи во весници.
Унгарската влада не одговори на барањето за коментар. Pfizer и ЕППО одбија да го коментираат случајот.