Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта е незадоволен од резултатите на каталонскиот клуб во Лигата на шампионите, тврди шпанскиот новинар Хосе Алварес Аја.

Пред два дена Барселона ремизираше со Интер во четвртото коло од Лигата на шампионите (3:3). Барселона сега има многу мали шанси да се пласира во осминафиналето од Лигата на шампионите, а каталонскиот клуб најверојатно ќе го продолжи натпреварувањето во Лигата на Европа. Шпанските медиуми тврдат дека Лапорта одржал неколку итни состаноци со колегите по мечот со Интер.
„Матеу Алемани и Жорди Кројф се обидоа да го смират Лапорта. Тој беше целосно надвор од контрола. Сакаше да уништи сè, бидејќи видел дека проектот е загрозен. Лапорта беше возбуден за Лигата на шампионите. На почетокот на следната година планира да направи некои промени. Ситуацијата во клубот е доста комплицирана по ремито со Интер“, изјави Алварес.
Барселона во летниот преоден рок потроши 333 милиони евра на засилувања.
„На Лапорта му е смачено од некои играчи. Тој е лут поради нив. Тој зборуваше за нив во последните неколку недели. Позицијата на Алемани како спортски директор не е загрозена“, изјави шпанскиот новинар.
Барселона во летниот преоден рок ги ангажираше Рафиња, Жил Кунде, Роберт Левандовски, Франк Кесие, Андреас Кристенсен, Хектор Белерин и Маркос Алонсо.
Во сабота од 16:15 часот во Мадрид Барселона гостува кај Реал во натпреварот од 10. коло на шпанската Ла Лига.