Актуелниот шампион на Европа и светот, Реал Мадрид, веќе почна да бара замена за Карим Бензема и ја најде во Лондон. Во прашање е напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, за кого кралскиот клуб е подготвен да потроши дури 115 милиони евра, пренесува шпански AS.

Имено, неодамна се појави информација дека Бензема е многу блиску до трансфер во Ал Хилал, покрај Лионел Меси. Дека ова не се празни гласини говори и фактот што Реал веќе е во потрага по нов напаѓач.
„Челниците на Реал сѐ уште ги проценуваат потенцијалните засилувања на позицијата центарфор. Реал има две опции. Првата е да купи познат напаѓач, кој ќе чини најмалку околу 100 милиони евра. Втората опција е Реал да се одлучи за поевтин фудбалер, без разлика дали се работи за млад центарфор или искусен играч, кој би бил решение до крајот на следната сезона. Летото 2024 година, мадридскиот клуб ќе се обиде да ги ангажира Ерлинг Холанд или Килјан Мбапе“, пишува шпанскиот весник.
Според тврдењата, раководството на Реал има долгорочен план доколку сега го донесе Кејн, бидејќи во иднина планира да го донесе и Мбапе за да направи убиствен тандем од нив двајца.
„Водачите на Реал го сакаат Кејн, а се подготвени да понудат 115 милиони евра на Тотенхем за капитенот на лондонскиот клуб. Проблем може да биде желбата на Кејн да остане во Премиер лигата, бидејќи планира да го собори рекордот на Алан Ширер за број на голови во англискиот шампионат. Скаутите на Реал го ценат англискиот напаѓач и ќе направат сѐ за да го доведат во Мадрид во летниот преоден рок. Во тој случај Реал ќе го доведе Мбапе во летото 2024 година, кој ќе игра во тандем со Кејн“, тврди AS.
Да потсетиме, Бензема има договор со Реал до 30 јуни годинава, но на челниците на кралскиот клуб им порача дека размислува кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија и додаде дека конечната одлука ќе ја соопшти наскоро.