Барселона ќе одигра пријателски натпревар во САД против мексикански Клуб Америка, само 24 часа по последниот официјален натпревар годинава, иако фудбалерите на Барса првично одбија.
Тимот на тренерот Чави Ернандес ќе се соочи со Алмерија на 20 декември (19:30 часот) на, како што беше планирано, последниот натпревар во 2023 година, пред божикната пауза.
Плановите сепак се сменија откако управата на каталонскиот клуб ги извести фудбалерите дека мора да ги одложат плановите за одмор, бидејќи на 21 декември (20 часот по локално време) во Далас ќе треба да играат против Клуб Америка.
Пријателскиот натпревар ќе донесе 4 милиони евра на сметката на Барселона, но играчите воопшто не беа задоволни од идејата да отпатуваат во Америка поради страв од ризици од повреди и пренатрупаниот распоред.
Фудбалерите на Барса го известиле Чави и клупските челници дека не се согласуваат да се игра овој натпревар, пишува весникот Sport од Барселона, но брзо се премислиле.
Имено, тие добиле предлог во замена да не го кренат гласот, тивко да отидат во Соединетите Американски Држави, да играат и да се вратат дома со насмевка.
За да ги убедат да отпатуваат во Тексас, клупските челници им понудиле бонус од по 100.000 евра, па играчите брзо се премислиле, пишува споменатиот извор.
„Сè има цена за капиталистичкиот свет. А финансискиот дел секогаш е пред она што е логично, разумно или препорачливо. Резултатот е дека играчите се експлоатирани и дозволуваат да бидат експлоатирани за повеќе и повеќе пари“, заклучува каталонскиот весник.