Судот за спортска арбитража (ЦАС), со седиште во Лозана, ја отфрли денеска жалбата на Рускиот фудбалски сојуз на одлуката на ФИФА да ја исклучи од квалификациските баражи за пласман на Светското првенство 2022 во Катар, поради инвазијата на Украина.
Русите кон крајот на овој месец требаше да ги пречекаат Полјаците во Санкт Петербург, но ФИФА ги дисквалификуваше и со тоа Полска директно се пласираше во финалниот бараж во кој за противник ќе го има победникот од дуелот меѓу Шведска и Чешка.
Судот во Лозана претходно во вторникот ја потврди и одлуката на УЕФА за забрана за настап на руските екипи во европските купови.
Дел од западните агенции, сепак, вечерва јавија дека одлуките на Судот во Лозана сè уште не се правосилни, бидејќи некои постапки сè уште се во процедура, а ЦАС не ги објави датумите за рочиштата.
– Оспорената одлука на ФИФА останува на сила и сите руски репрезентации и клубови и натаму се суспендирани од учества во натпреварувањата во организација на ФИФА. Арбитражната постапка продолжува. Во моментов се конституира судскиот совет и странките разменуваат писмени поднесоци, се наведува во соопштението на ЦАС.