Вториот ден од нокаут фазата и осминафиналето на Лигата на шампионите ни го донесе најголемото изненадување досега.

Актуелниот вицешампион на Италија, Лацио, кој оваа сезона се мачи во Серија А, на својот Олимпико во Рим го совлада Баерн Минхен со 1:0. Победничкиот гол за тимот на Маурицио Сари го постигна Чиро Имобиле од пенал во 69. минута.
Ова е повторување на осминафиналето од пред три години, кога Баерн рутински ги доби двата натпревари, но синоќа Германците не ни шутираа во голот на Иван Проведел. Неодамнешниот пораз од Баер Леверкузен, кој го остави Баерн пет бода зад Аптекарите на врвот во Бундеслигата, очигледно ги потресе Баварците, а многумина прогнозираат дека Томас Тухел би можел да го плати евентуалното испаѓање во Лигата на шампионите со работното место.
Германските медиуми веќе пишуваа за „црвениот аларм“ за Тухел, кој загуби 10 од 43 натпревари на клупата на Баерн, а тој по натпреварот изјави:
„Фрустрирани сме и лути поради поразот. Мислам дека го загубивме натпреварот, не сум сигурен дека Лацио го доби. Не сум сигурен зошто ја загубивме иницијативата во второто, но тоа се случи, а потоа примивме гол. Не можам да објаснам тоа, бидејќи му кажавме на тимот да го задржи интензитетот и да бидат уште похрабри и да одат напред, но паднавме веќе на почетокот на вториот дел. Направивме сè за да го загубиме овој натпревар. Беше во наши раце. Во еден момент престанавме да веруваме. Имаше и многу индивидуални грешки.“
На прашањето дали се плаши за својата иднина на клупата, тој кратко рече: „Не“.