Кенискиот атлетичар Келвин Киптум, актуелниот светски рекордер во маратон, загина во сообраќајна несреќа во својата татковина, објавија водечките светски медиуми, а веста ја потврдија и членовите на неговото семејство.
Според соопштението на локалната полиција во Кенија, несреќата се случила на патот Елдорет-Капсабет, а животот го загубил и неговиот тренерот Жерве Хакизамана од Руанда, кој му бил совозач. Киптум го возел автомобилот кога загубил контрола, излетал од патот во блискиот канал и удрил во дрво.
Од силината на ударот автомобилот бил страшно распарчен од едната страна, а маратонецот при ударот излетал од возилото и бил најден мртов на страна. Во возилото била и Шерон Чепкемо, која ја преживеала несреќата со полесни повреди бидејќи била на задното седиште. Тренерот Хакизамана починал на пат кон болница.
Киптум имаше 24 години, а минатата година во Чикаго постави светски рекорд со време 2:00:35 и се подготвуваше да стане првиот човек што ќе истрча маратон за помалку од 2 часа на 14 април во Ротердам.
Покрај тоа, Киптум беше еден од главните фаворити за освојување на златниот медал на претстојните Олимписки игри во Париз, што ќе се одржат летово.
Загинатиот кениски спортист прво го привлече вниманието на светската јавност кон себе во 2022 година кога го освои третото место на маратонот, а во Лондон истата година беше уште побрз и му недостасуваа само 16 секунди за да го собори светскиот рекорд.
Во оваа намера успеа минатата година во Чикаго кога докажа дека е еден од најдобрите спортисти во историјата, но прераната смрт го спречи дополнително да ги помести границите во маратонската трка.