Возачот на Астон Мартин, Фернандо Алонсо, изјави дека е пресреќен откако беше потврдено дека го остварил 100-тото искачување на подиумот, откако синоќа на Големата награда на Саудиска Арабија првично истото му беше одземено.

Двократниот светски шампион се пласираше на 3. место на втората трка од новата сзезона, веднаш зад недопирливото дуо на Ред Бул, Серхио Перес и Макс Верстапен, но по завршувањето на трката дојде до низа различни расплети.
Шпанецот поведе во Џеда, пред Перес кој го врати ударот во 4. круг, а тогаш веќе беше познато дека Алонсо направил престап откако не се позиционирал добро при стартот. Возачот на Астон Мартин поради тоа доби казна од 5 секунди - казна што ја одлежа кога замина во боксот. Сепак, по завршувањето на трката беше заклучено дека казната не ја одработил како што треба, па доби нова казна - овој пат од 10 секунди, а тоа му го одзеде местото на подиумот. Астон Мартин вложи жалба која беше прифатена и Алонсо сега си го врати јубилејниот подиум.
„Среќен сум поради конечниот резултат и нашиот втор подиум. Покажавме дека можеме да бидеме втор најбрз тим и имавме добар ритам за време на целата трка. Моја беше грешката на стартот, но се потрудивме да го надоместиме времето. Пред овој викенд не бевме сигурни каков ќе биде односот на силите, така што ова е добра вест за нас воочи наредната трка. Се радувам на Австралија“, рече Алонсо.
После ваквиот расплет на Големата награда на Саудиска Арабија, Алонсо е на 3. место во генералниот пласман со 30 бодови, 14 помалку од водечкиот Верстапен, а 13 од вториот Перес.
Наредната трка на Формула 1 ќе се вози на 2 април за Големата награда на Австралија.