Иако првично беше објавена информација дека Крис Нот (познат како Ѕверка во серијата) нема да учествува во снимањето на новите епизоди од серијата „Sex and the City“, HBO соопшти дека се дошло до промена.
Славниот актер потпишал договор и наскоро ќе започне да работи на сет.
Американскиот актер прифати да учествува во снимањето на новата сезона, која се вика „And Just Like That…“. Тој ќе ја повтори улогата на Ѕверка и сè уште не е познато дали ќе се појави во сите десет епизоди од серијата.
„Воодушевен сум што Нот ќе се приклучи на снимањето на новите епизоди од серијата. Како би можеле воопшто да снимаме ново поглавје од оваа приказна без него?“, Рече продуцентот на серијата Мајкл Патрик Кинг.
Во јануари беше најавено дека Кристин Дејвис, Сара Џесика Паркер и Синтија Никсон ќе се вратат во улогите на Шарлот, Кери и Миранда во обновената верзија чии извршни продуценти ќе бидат Паркер, Дејвис, Никсон и Кинг.
Дејството наводно ќе се врти околу трите пријателки кои сега се во петтата деценија од животот. Серијата ќе се состои од десет 30-минутни епизоди, а снимањето почна пролетва во Њујорк. Сите досегашни информации за новите епизоди на култната серија укажуваат на тоа дека нѐ очекува бескрајно здодевна серија, барем многу различна од оригиналната, особено бидејќи Ким Катрал нема да ја повтори улогата на Саманта во новата сезона.
Приказната во „Sex and the City“, што почна да се емитува во 1998 година, се вртеше околу секс-колумнистката Кери Бредшо (Паркер) и нејзините пријателки Миранда Хобс (Никсон), Шарлот Јорк (Дејвис) и Саманта Џонс (Катрал), нивните врски и љубов кон модата во Њујорк. Серијата се емитуваше шест сезони, освои седум Еми награди и осум Златни глобуси.
Серијата се снимаше според истоимената книга на Кендис Бушнел и иако добиваше пофалби за рушење на секс табуата, сепак наиде и на критики поради недоволниот диверзитет и ноншалантното третирање на некои многу важни теми, како расната дискриминација и еднодимензионалното и стереотипно претставување на одредени групи граѓани.
Продолжете да читате: Сите заблуди што ни ги пласираше „Sex and the City“