Изградени биле за да ја покажат моќта и богатството на владетелите. Доколку ви се укаже прилика, не двоумете се, посетата на овие кралски палати нема да ве разочара.
Сегашната Царска палата (皇居 - Кокјо) се наоѓа на поранешната локација на замокот Едо, во голем парк опкружен со ровови и масивни камени ѕидови во центарот на Токио. Ова е домот на јапонското кралско семејство. Внатрешниот дел на палатата е генерално затворен за јавноста, освен на 2 јануари (новогодишни честитки) и 23 декември (роденден на императорот).
Посетителите потоа можат да влезат во внатрешноста и да видат членови на кралското семејство како неколку пати се појавуваат на балконот. Во текот на целата година можни се организирани обиколки на целиот комплекс, но во ниту една зграда не може да се влезе, пишува Travel Magazine.
Зимската палата (Зимний дворец) била официјална резиденција на руските монарси од 1732 до 1917 година. За време на изградбата се внимавало градбата да биде исклучително монументална за најдобро да се одрази моќта и силата на царска Русија. Нивоата на екстраваганција што може да се видат ќе ви го одземат здивот. Секоја светла, позлатена, обоена соба е своевиден увид во неверојатното богатство на Романови.
Неверојатните државни соби, темелно реновирани по Втората светска војна, мора да се видат, а музејот Ермитаж, на кој е прикачен замокот, има над три милиони експонати, вклучувајќи ремек-дела на Леонардо Да Винчи, Рембрант, Моне, Реноар, Пикасо, Ван Гог и Кандински.
Високо на еден рид, со поглед на Босфор, Топкапи-сарај (Topkapı Sarayı) била омилена резиденција на отоманските султани повеќе од 400 години. Кога сарајот бил на својот врв можел да прими над 4.000 луѓе, а во рамките на комплексот имало џамија, болница, пекари и ковачница.
Денес, раскошните павилјони, сводовите исполнети со скапоцени камења и харемите даваат фасцинантен увид во животот на султаните. Палатата и музејот се отворени секој ден освен вторник. Се очекува посетителите да носат соодветна облека, а забрането е фотографирање во изложбените сали.
Бакингемската палата (Buckingham Palace) служи како канцеларија, но и како лондонска резиденција на британската кралица. Таа е една од ретките кралски палати што останале во светот каде што се наоѓаат работните простории на монархот.
Од предната страна палатата е долга 108 метри, широка 120 метри и висока 24 метри. Има 775 соби, вклучувајќи 19 државни соби. Секое лето кралицата ги отвора вратите на својата палата за обичниот свет. Посетителите можат да видат 19 прекрасни државни соби, од кои многу се користат за свечени прилики и официјални забави. Сите соби се опремени со некои од најзначајните парчиња од кралската колекција.
Во срцето на главниот град на Тајланд, на бреговите на магливата река Чао Праја, Големата кралска палата (พระบรมมหาราชวัง - Пра Бором Маха Ратча Уан) во Бангкок е официјална резиденција на сијамските кралеви од 1782 година. Палатата е изградена во класичен тајландски стил на кули и шарени ќерамиди, а во рамките на комплексот се наоѓа и познатиот Храм на смарагдниот Буда, во кој се наоѓа најсветата будистичка скулптура во земјата. Палатата се смета за најсвета локација во Тајланд, па затоа важат строги правила за облекување.
Алхамбра (Alhambra) е вистински скапоцен камен на мавританската култура, каде што се слушаат фонтани, лисјата шумолат, а античките песни се запишани во камен. Името го добила по арапскиот збор الْحَمْرَاء (ал-хамра) што значи „црвен замок“, а оваа градба, делумно тврдина, а делумно замок, се наоѓа над Гранада како прибежиште за градот под неа.
Со преку 6.000 посетители кои минуваат низ палатата за време на топлите, летни месеци, најдобро време за посета се потивките месеци. На тој начин, можете на мир да го видите богатството од сложени детали, а можеби дури и да зграпчите неколку моменти и сами да уживате во прекрасниот двор.
Палатата во Мајсур (ಮೈಸೂರು ಅರಮನೆ), во Јужна Индија, е официјална резиденција и седиште на Махараџите од Мајсур, т.е. нивното кралско семејство, кое владеело со земјата од 1399 до 1950 година. Палатата има две „дурбар“ сали (свечени сали за официјални посети), а содржи огромен број дворови, градини и згради.
Во Мајсур има неколку палати, но оваа е изградена во центарот на Старата тврдина и е највпечатлива. Се смета за најголема од сите индиски кралски градби и ја посетуваат над 6 милиони посетители годишно, што ја става на второто место, веднаш по Таџ Махал.