Giulia SWB е создаден во чест на одбележувањето 100 години од првата соработка помеѓу Alfa Romeo и дизајнерското студио Zagato.
Alfa Romeo и Zagato го открија уникатниот модел Giulia SWB, кој пред големата трансформација, со која гореспоменатите компании на извонреден начин го одбележаа векот на првиот заеднички проект, беше застрашувачката „речиси тркачка“ Giulia Quadrifoglio GTAm.
Неименуван клиент во Германија кој е страстен колекционер на автомобилски креации на Zagato е и „виновникот“ за создавањето на единствениот примерок на Giulia SWB, а овој пат предложи дека би сакал Alfa чијашто надворешност ќе биде потсетник за Alfa/Zagato моделите SZ и TZ.
Врз основа на скратената платформа на стандардната Giulia, AR Zagato Giulia SWB е купе со две седишта и две врати што под карбонската каросерија ја крие механиката од најмоќната и ограничена едиција Giulia Quadrifoglio, која ја носи ознаката GTAm.
2,9-литарскиот битурбо V6 мотор на Ferrari и во овој случај развива 540 коњски сили и 600 Nm максимален вртежен момент кој оди само на задната оска, но клиентот инсистираше стандардниот 8-брзински автоматски менувач од Giulia GTAm да се замени со мануелен 6-степенска опција, што и беше направено.
Информациите за перформансите и цената на уникатната темнозелена автомобилска егзотика што веќе отпатува во Германија не се објавени.