Овој необичен случај е забележан кај маж од Индија, кој некако се заразил со патоген што напаѓа растенија.

Еден 61-годишен маж од Индија неколку месеци се борел со кашлица, засипнатост, недостаток на апетит, замор и отежнато голтање. Кога конечно побарал лекарска помош, томографијата открила џеб исполнет со гној на десната страна од неговиот грклан. Набргу по ова откритие лекарите извадиле дел од него и го испратиле на анализа - се покажало дека станува збор за габична инфекција.
Лекарите знаеле дека се работи за габа, бидејќи на препаратот во лабораторија се појавиле хифи, карактеристични за нив. Сепак, бидејќи тие не можеле да го идентификуваат видот врз основа на физичките карактеристики, примерокот потоа бил испратен за тестирање во Центарот за соработка на СЗО. Дури по генетски анализи било утврдено дека се работи за Chondrostereum purpureum - габа која предизвикува болест на сребрените листови на растенијата.
„Пациентот негираше каков било контакт со споменатиот патоген, но откри дека долго време работел со органска материја во распаѓање и други видови габи, како дел од неговото истражување“, пишуваат лекарите во извештајот.
Потоа следел период на лекување и опоравување, при што на почетокот му бил исцеден гнојот од вратот, а потоа на пациентот му биле давани антимикотици со широк спектар, кои ги земал два месеца. По две години лекарите потврдиле дека е добро и дека е излечен.
C. purpureum може да инфицира широк спектар на растенија, т.е. дрвја, вклучително јаболка, цреши, даб или јавор. Она што е карактеристично за ова агаба е што го напаѓа надворешниот слој од кората, но и листовите и во тој случај делува како тие да имаат сребрена боја.
Бидејќи оваа инфекција е дијагностицирана за прв пат кај човек, не се знае какви се шансите некој друг да се зарази со неа и на кој начин. Она што е уште позагрижувачки е фактот што сè уште не е јасно како најдобро да се третира сребрениот лист кај луѓето.
„Јасно е дека преносот на овој растителен патоген на луѓето кои доаѓаат во близок контакт со растителните габи е возможен. Сепак, мора да се спроведат повеќе истражувања за да се утврди кои механизми се вклучени во овој процес и да може да се издадат препораки со помош на кои би се спречиле понатамошни инфекции“, е мислењето на експертите кои работеа на овој случај.
Резултатите од истражувањето се објавени во Medical Mycology Case Reports.