Microsoft го официјализираше договорот со кој се обврзува да ја овозможи франшизата Call of Duty на платформите Nintendo на 10 години.

Минатата година Microsoft соопшти дека се обврзува да ја направи Call of Duty (CoD) достапна на платформата Nintendo во период од 10 години, доколку биде одобрено купувањето на Activision Blizzard.
Сега, Бред Смит, претседателот на компанијата, откри дека е потпишан обврзувачки 10-годишен договор и ќе ја донесе франшизата Call of Duty на играчите на Nintendo во исто време кога CoD ќе биде достапен за Xbox.
Microsoft претходно посочи дека ѝ понудил сличен договор на Sony за PlayStation и се обврзува да ја понуди играта на платформата Steam во исто време со Xbox (под претпоставка дека купувањето на Activision Blizzard е одобрено).
Сите овие договори и активности на Microsoft се дел од напорите на компанијата да ги убеди регулаторните тела да го одобрат купувањето на Activision Blizzard од Microsoft за 68,7 милијарди долари.
Споменатиот договор моментално е во еден вид неизвесност, бидејќи FTC комисијата во САД го блокираше преземањето, додека Велика Британија може да бара од Activision да се откаже од дел од својот бизнис за да се заврши купувањето.
Дополнително, Европската Унија, наводно, ќе ѝ се придружи на Британија во декларирањето дека предложената аквизиција може да ја намали пазарната конкуренција. Microsoft ќе се сретне со регулаторите на ЕУ во наредните денови за да ја брани својата позиција.