3D технологијата за печатење обезбеди исплатлива алтернатива на класичната конструкција на куќи.
Овој метод на градба е побрз и бара помалку градежни работи. 3D принтаните куќи се исто така поотпорни на природни катастрофи, па се предвидува нивниот пазар да достигне 1,5 милијарди долари до 2024 година.
Иднината пристигна. Замислете како ја гледате вашата парцела на која огромен печатач го „печати“ вашиот нов дом. Токму оваа сцена ја гледаше сега бездомникот Тим Шеа (70) од Остин, Тексас.
Компанијата ICON од Тексас му изгради куќа со 3D печатење и му го смени животот, пренесува World Economic Forum. Шеа стана првиот човек во Америка што живее во целосно печатена куќа. Куќата има површина од 46 квадратни метри и однадвор изгледа мала, но високите ѕидови, големите прозорци и таванските прозорци одвнатре ја прават многу попространа. Куќата беше „изградена“ за само 48 часа.
ICON се исто така креатори на најголемата 3D отпечатена зграда во Америка - воени касарни, и друга компанија што се занимава со истиот бизнис, SQ4D од Њујорк, неодамна ја стави на продажба првата 3D отпечатена куќа.
Оваа технологија напредува секој ден и добива голема популарност во градежништвото. Некои домови можат да бидат готови за само 24 часа и да чинат неколку илјади долари, што ги прави новото најдобро решение за пристапна изградба на станови. Така минатата година, компанијата Tvasta во Индија ја изгради првата 3D печатена куќа таму за само една третина од времето што вообичаено ќе беше потребно за изградба на куќа. Тие исто така го намалија градежниот отпад за дури 65%.
Првиот 3D отпечатен мост е изграден во Мадрид во 2016 година, кој исто така ќе добие надградба бидејќи се покажа како одлично решение.
Пред две години, градежната индустрија за 3D печатење вредеше само три милиони долари, но поради големата ефикасност и напредок што ги нуди, се проценува дека оваа бројка ќе порасне до една и пол милијарда долари во следните три години. 3D печатењето на куќи многу веројатно ќе биде иднината на изградба на станови по пристапна цена.