Деновиве од печат излезе книгата комплетно посветена на Скопје – „Варшава го исцртува Скопје“ од полската авторка Кинга Нетман-Мултановска.

Се работи за книга што фрла поглед на голем период од историјата на Скопје, од неговото историско освојување од Османлиите, сè до денешен ден, а главниот акцент е ставен врз огромната помош што полските урбанисти и архитекти несебично му ја даваат на Скопје по земјотресот. Инспиративно, филигрански изработено четиво, од кое многумина скопјани ќе дознаат многу нешта за својот град што досега не ги знаеле.
„Фасцинантна, многуслојна книга. Израз на страста и компетенцијата на авторката, која, пишувајќи за мисијата на варшавските урбанисти во Скопје и за судбината на Северна Македонија, ја открива заборавената солидарност на Полјаците со Македонците, врската на Полска со Балканот. Оваа прекрасна публикација има уште една основна димензија: го прикажува европското наследство преку палимпсестот Скопје – местото каде што се вкрстуваат христијанството, исламот, јудаизмот и атеистичкиот хуманизам. Кинга Нетман-Мултановска раскажува за градот покрај Вардар како за своја мала татковина зашто ѝ подарил нова перспектива за запознавање на себеси и на својата култура. Љубовта кон ова парче земја ме зарази и мене. Скопје е и наша судбина, наша Европа. Скопје сме ние!“, вели Базил Керски, директор на Европскиот центар на солидарностаа во Гдањск.

Книгата има 492 страници, има и фотографии, а е преведена од полски јазик од Филип Димевски.
Објавена со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија, а во издание на БЕГЕМОТ.