Ако дојде до нова ерупција на супервулканот, кој се наоѓа под Националниот парк Yellowstone, би можело да има многу помалку време за предупредување од опасност за разлика од тоа што се предвидуваше досега.
Откако биле анализирани минералите од фосилните остатоци од претходните најскори мегаерупции, научници од Универзитетот во Аризона сметаат дека супервулканот последен пат се „разбудил“, бидејќи два тека на свежа лава се слеале во резервоарот под вулканскиот кратер.
Минералите откриле дека критичните промени на температурата и составите се создавале со децении. А се до сега, научниците сметале дека се потребни векови за такво нешто да се случи во супервулканот.
Истражувањата од 2013 година, покажале дека резервоарите од кои супервулканот се „храни“ со лава се два и пол пати поголеми од претходните проценки.
Се сметало и дека резервоарите се празнат после секоја голема експлозија, па така им треба многу повеќе време за да се наполнат.
Судејќи според новите откритија, се чини дека лавата многу побргу се обновува, врз база на што може да се заклучи дека до нови експлозии би можело да дојде во „геолошко трепкање на око“, пренесува National Geographic.
Новото истражување исто така дава и нов изненадувачки момент кога е новата потенцијална ерупција во прашање, до што научниците дошле во последните неколку години проучување.
Геолошкото богатство на Националниот парк Yellowstone најмногу се должи на неговото бурно минато.
Пред околу 630,000 години многу силна ерупција се случила во овој регион, носејќи пред себе повеќе од 1,000 кубни метри камења и пепел, на тој начин создавајќи вулканска депресија широка 65 километри, во која сега се наоѓа најголемиот дел од Националниот парк.
И покрај сите тврдења од новите истражувања, експертите велат дека не постои прецизен начин да се утврди кога ќе се случи следната голема експлозија.