Јапонскиот забавен парк „Fuji-Q Highland“ официјално го затвори ролеркостерот „Do-Dodanpa“, кој некогаш ја носеше титулата најбрз во светот.
Ролеркостерот беше суспендиран во август 2021 година по бројни поплаки за повреди. Тематскиот парк ја затвори атракцијата за да се обиде да најде сигурен начин за избегнување повреди. Инаку, отворен е пред повеќе од две децении, односно во 2001 година, стана исклучително популарен, а ја стекна и титулата за најбрз во светот. Достигнуваше брзина од 170 км/ч за 1,8 секунди.
Во тоа време се викаше „Dodanpa“, а во 2017 година беше надграден со нова вертикална клучка од 49 метри. После тоа достигна брзина од 178 км/ч за само 1,56 секунди, па името му беше сменето во Do-Dodanpa, но стигнаа и проблемите.
По стартот, ролеркостерот минуваше низ тунел во форма на цевка од пиштол, додека во позадина се слушаше звук на отчукување на срце. Како што се приближуваше почетокот на возењето, ритамот на отчукувањата се забрзуваше и стануваше погласен. Потоа ќе се слушнеше гласот „Launch Time“ (Време за лансирање) и следуваше одбројување од 3 секунди.
После тоа, ролеркостерот забрзуваше до 178 км/ч, а патниците ги чекаше мал пад и широка кривина пред вертикалната клучка, благо свртување налево, а потоа и побавно свртување. После тоа ролеркостерот побавно стигнуваше до почетната точка. Инаку, едно возење беше долго 1.244 метри, но траеше само 55 секунди.
Првата повреда била пријавена во 2007 година кога парче пластика паднало и удрило едно лице во ногата, што резултирало со полесна повреда. Сепак, листата на повреди почна да се зголемува по промените направени во 2017 година. Помеѓу декември 2020 година и август 2021 година, 18 лица беа повредени, од кои 9 се здобија со скршеници на вратот и градниот кош. Се верува дека причината за ова е зголемувањето на G силата што луѓето ја искусуваат секунди по лансирањето. Станува збор за сила од 3,75 G, што е нешто помалку од 4 G што го искусуваат пилотите на ловците при лансирање од носач на авиони.
Операторот најави дека нема конкретен начин како да се елиминира ризикот од повреди, па е донесена одлука за затворање. Многу посетители на тематскиот парк бараа повторно да се отвори ролеркостерот, ја критикуваа одлуката бидејќи сметаат дека повредите се резултат на непочитување на безбедносните мерки и изјавија дека сега страдаат оние што ги почитуваат затоа што повеќе не можат да уживаат ролеркостерот.