Суперлигашот од истоимената скопска населба има нов шеф на стручниот штаб.
Александар Јовиќ е нов шеф на стручниот штаб на ракометниот клуб Тинекс Пролет откако денеска и официјално беше потпишан договорот за соработка со овој успешен стратег, кој во иднина ќе ги води „Пролеќани“.
„Како управа не брзавме со изборот на нов тренер по заминувањето на Лембанов, сѐ со цел да го направиме најдобриот можен избор за РК Тинекс Пролет, во што на крајот и успеавме“, објави клубот.
Јовиќ е долгогодишен македонски ракометен репрезентативец, кој по завршувањето на играчката има и успешна тренерска кариера. Тој ја заврши ланската сезона како шампион на Македонија на чело со Еурофарм Пелистер, а добро познати се неговите квалитети и кога станува збор за работата со младите ракометари, нешто по што беше препознатлив и во Металург и во Еурофарм Пелистер 2.
„Презадоволни сме што можеме да ја официјализираме соработката со Александар Јовиќ, идеален тренер за Тинекс Пролет. Говориме за стратег кој до пред еден месец беше дел од Лигата на шампионите, а од денеска ќе почне со работа во нашиот клуб. Тој работи исклучително добро и со младите ракометари помагајќи им да напредуваат во кариерата, што исто така е многу значајно за нашиот клуб. Не се сомневаме дека донесовме вистински избор со ангажманот на овој врвен стручњак со кого Тинекс Пролет уште повеќе ќе напредува“, изјави директорот на Тинекс Пролет, Сашо Огњеновски.
По 10 одиграни кола во групата Б од македонската Суперлига екипата на Пролет е на 4. место со 15 бодиви, колку што има и 5-тиот Голден Арт. Трет е Бутел со 18, а лидери се Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер со по 27. Првопласираните 4 од двете групи ќе се пласираат во наредната фаза.
Јовиќ на клупата на „Пролеќани“ ќе дебитира на 18-ти кога Пролет ќе гостува кај Мулти Есенс (поранешен Алкалоид) во салата „Автокоманда“.