Првото коло на Европското фудбалско првенство ќе заврши денеска кога се играат преостанатите два натпревари во групата Ф, каде се наоѓа еден од главните фаворити за освојување на ЕУРО.

Секако, станува збор за селекцијата на Португалија на која заедно со Франција ѝ се даваат најголеми шанси за титулата шампион на Стариот континент.
Португалија вечерва ќе излезе на теренот како големи фаворити против Чешка, нивниот дуел започнува во 21 часот, а Кристијано Роналдо на овој меч ќе го собори сопствениот рекорд бидејќи ова ќе му биде шести евро-настап во кариерата.
Досега беше единствениот кој настапуваше во пет различни првенства на Стариот континент.
„Кристијано е единствениот играч кој играл на пет европски првенства и сега ќе игра на шестото. Неговото искуство е многу важно за соблекувалната, но знаеме дека ќе има тешки моменти за време на турнирот и треба да видиме дали имаат квалитет да напредуваат или не. Никој не влегува во репрезентацијата по име. За нас Кристијано е стрелец, тој е некој што може да го направи последниот потег и навистина може да ги развлече одбранбените играчи на отворен простор“, рече претходно селекторот на Португалија, Роберто Мартинес.
За разлика од претходните денови, денеска на ЕП ќе гледаме „само“ два меча, откако пред Португалија и Чешка на терен ќе излезат Турција и Грузија кои се натпреваруваат во истата група.
Дуелот меѓу Турција и Грузија започнува во 18 часот, а исходот на овој натпревар во голема мера би можел да го одреди текот на борбата за второто место и директен пласман во нокаут фазата на ЕУРО.