Мохамед Салах влезе од клупата за да го постигне најбрзиот хет-трик во историјата на Лигата на шампионите во синоќешната победа на Ливерпул од 7:1 на гости кај Ренџерс.
Салах постигна три гола за само 6 минути и 12 секунди, соборувајќи го рекордот што претходно го држеше Бафетимби Гомис од 2011 година.
На тогашниот напаѓач на Лион му беа потребни 8 минути за да постигне хет-трик во победата на Лион против загрепски Динамо исто така од 7:1.
Кога Салах влезе во игра во 68. минута ретко кој можеше да помисли дека ќе направи нешто слично.
Првиот гол го постигна во 75. минута, а пет минути подоцна повторно погоди. Само што тргна од центарот, по третпат се запиша во листата на стрелците.
Со доаѓањето на Манчестер Сити на „Енфилд“ в недела, Салах и Ливерпул ќе се надеваат дека оваа победа ќе биде пресвртница по неубедливиот почеток на сезоната.