Во текот на 2020 година скоро и да немаше индустрија што не доживеа големи промени поради пандемијата на коронавирус. Аналитичката компанија MUSO потврдува дека имало промена во навиките на оние кои нелегално набавуваат забавни и други содржини преку интернет.

Минатата година беше забележана промена во трендовите на онлајн пиратеријта, што ѝ се припишува на пандемијата. Додека луѓето беа заклучени во своите домови, побарувачката за дигитална содржина растеше, особено стримингот, а истото се рефлектираше и во побарувачката за пиратирана содржина.
Забележан е раст на нелегалното стримување на телевизиски програми и филмови, но, интересно, во втората половина на годината има зголемување на дигиталните преземања на книги за дури 13%.
Веб-страниците кои нудат пиратска содржина минатата година биле посетени вкупно 130 милијарди пати, што значи дека секој интернет корисник во просек посетил една од тие страници 39 пати. Од тоа, над половина од посетите (65,5 милијарди) беа насочени кон гледање пиратска ТВ-содржина.
Ако погледнеме само на побарувачката за нелегален стриминг, во извештајот на MUSO се наведува дека 93% од нелегалното гледање телевизија преку интернет дошло преку такви стриминг услуги. Кај филмовите, нелегалниот стриминг зазема 52% од консумацијата на пиратска содржина (остатокот е нелегално преземање на содржина).
Што се однесува до „пиратите“ по земји, САД го презедоа водството минатата година, со 12,5 милијарди посети.
Следат Руската Федерација (8,3 милијарди), Кина (6,9 милијарди), Индија (5,6 милијарди), Бразил (5,4 милијарди) и Украина и Франција (по 4,3 милијарди).