Само претплатниците на Twitter Blue ќе можат да користат текстуални пораки како метод за автентикација со два фактори, соопшти Twitter.
Промената ќе стапи на сила на 20 март, а корисниците на Twitter ќе имаат уште два начини бесплатно да ја потврдат својата најава, преку апликација за автентикација и безбедносен клуч.
Автентикацијата со два фактори, или 2FA, бара од корисниците да ја внесат својата лозинка, а потоа код или безбедносен клуч за пристап до нивните профили. Тоа е еден од примарните методи со кои корисниците го обезбедуваат својот Twitter профил.
„Иако 2FA е историски популарен, видовме дека 2FA заснована на телефонски броеви се злоупотребува. Почнувајќи од денес, нема да дозволиме профилите да го користат методот на СМС за автентикација со два фактори, освен ако не се претплатници на Twitter Blue“, соопшти Twitter.
Претплатата за Twitter Blue чини 11 долари за iOS и Android и се означува со сина ознака на профилите на оние кои се подготвени да плаќаат за тоа месечно. Од 2021 година, само 2,6 отсто од корисниците на Twitter имале овозможено 2FA, од кои 74,4 отсто користеле автентикација со СМС.
Корисниците на Twitter сега имаат 30 дена да го исклучат методот на СМС и да изберат друг начин за користење двофакторна автентикација. Оневозможувањето на методот SMS 2FA нема автоматски да го одвои телефонскиот број на корисникот од профилот.
Шефот на Twitter, Илон Маск, ги потврди наводите дека телекомуникациските компании користеле ботови за „пумпање 2FA СМС“ и дека Twitter губи 60 милиони долари годишно поради „измами со СМС“.