Вработените од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ги добија платите за кои протестираа вчера, со прекин на јавниот превоз во главниот град.
Претседателот на Синдикатот при ЈСП, Миќо Стојановски, за МИА потврди дека платите се префрлени на сметките на вработените и дека јавниот превоз продолжува да функционира нормално.
– Платите се префрлени на сметките на вработените, продолжуваме да функционираме нормално. Платите се обезбедени за следните месеци, а со донесување на буџетот за 2023 година ќе биде збогатен буџетот на јавното претпријатие за неколку милиони евра, рече Стојановски во изјава за МИА.
Вработените на ЈСП вчера протестираа со прекин на јавниот превоз во Скопје, барајќи да им биде исплатена задоцнетата септемвриска плата.
Поради настанатите проблеми со претпријатието, Советот на Град Скопје на вонредна седница вчера донесе одлука за прераспределба на средства за субвенции на ЈСП, со којашто практично се обезбедени средства за плати на вработените до крајот на оваа година.