Хотелскиот и казино комплексот The Mirage во Лас Вегас, кој по три децении бизнис стана еден од најпрепознатливите симболи на Градот на гревот, заминува во историјата поради целосно ребрендирање и реконструкција на објектот.
Според CNN, одморалиштето со 3.000 соби официјално ќе престане со работа на 17 јули и ќе помине тригодишен процес на реновирање што ќе го отстрани секој симбол на Mirage (Мираж). На местото на Mirage, ќе се отвори хотел од групацијата Hard Rock и ќе се преименува во „Hard Rock Hotel & Casino and Guitar Hotel Las Vegas“
„Со нетрпение очекуваме да тргнеме на возбудливо патување во нова ера. Hard Rock ќе го запали Лас Вегас со забава, иновации и гостопримство од светска класа“, известија од Mirage.
Одморалиштето треба повторно да се отвори во 2027 година и ќе вклучува кула висока 200 метри која ќе биде изградена во форма на гитара.
Повеќе од 3.000 вработени во Mirage ќе бидат отпуштени до јули, а Hard Rock соопшти дека ќе плати повеќе од 80 милиони долари отпремнина.
„Синдикатот на кулинарските работници, кој претставува околу половина од вработените во Mirage, вели дека работниците ќе добиваат по 2.000 долари за секоја година вработување со можност да се вратат кога хотелот повторно ќе се отвори“, пренесува CNN.
Инаку, комплексот Mirage го купи корпорацијата MGM Resorts во 2000 година, а во 2022 година го продаде за повеќе од една милијарда долари на компанијата Hard Rock International.