Легендарниот чешки голман Петр Чех (41) по завршувањето на фудбалската кариера се сврте кон играњето хокеј на мраз, а многу добро му оди и во овој спорт.
Чех се прости од Арсенал летото 2019 година, а потоа ја започна својата хокеарска кариера во англискиот Гилдфорд Финикс, каде што играше три години, по што следуваа кратки периоди во Челмсфорд Чифтенс и Оксфорд Сити Старс.
Последно споменатиот клуб неодамна го позајми Чех на Белфаст Џајантс, кои се натпреваруваат во елитната хокеарска лига на Обединетото Кралство, а во саботата чешкиот голман ги запиша првите минути на мразот.
Така, Чех испиша историја во англискиот спорт бидејќи како професионалец се натпреваруваше во два различни спорта - фудбал и хокеј.
Некогаш еден од најдобрите светски голмани шанса за настап доби синоќа на натпреварот против Глазгов (5:1), кога влезе во игра во 15:17 од третата третина и за неполни 5 минути на голот забележа една одбрана и не прими гол.
Инаку, Чех уште како дете сакал да се занимава со овој спорт, но се одлучил за фудбал затоа што неговите родители не биле во можност да му ја обезбедат скапата опрема што ја бара хокејот на мраз.
Во фудбалот најдлабока трага остави во Челси, за кој настапи 494 пати, додека за репрезентацијата на Чешка бранеше 124 пати.