Луис Хамилтон вели дека минатата година му кажал на тимот за проблемите што ги имал нивниот Ф1 W13 болид, но дека тие не го слушале кога станува збор за развојот на новиот болид, поради што заостатокот е поголем од минатата година.

Мерцедес имаше лош старт минатата сезона, но благодарение на добриот развој во текот на годината, успеаја да ја намалат разликата и да се борат за победа на неколку трки на крајот.
Но, наместо дополнително да ја намалат разликата со новата F1 W14, Мерцедес ја започнаа новата сезона во полоша позиција отколку што ја завршија минатата, а на првата трка од сезоната го имаа четвртиот најбрз болид.
Хамилтон тврди дека го предупредил тимот за проблемите што ги имал минатогодишниот болид, но дека тие „не го послушале“.
„Минатата година им ги кажав проблемите со болидот“, изјави Хамилтон за подкастот „Cheered Flag“ на BBC Radio 5 Live.
„Возев толку многу болиди во мојот живот, па знам што му треба на болидот, а што не му треба“, додаде тој.
„Мислам дека всушност се работи за одговорност“, продолжи тој, „се работи за признавање и кажување 'да, знаеш што, не те послушавме, не е таму каде што треба да биде и треба да работиме'“.
„Мораме да внимаваме на рамнотежата низ аглите, да ги погледнеме сите слаби точки и едноставно да се собереме како тим, тоа е она што го правиме. Сè уште сме повеќекратни светски шампиони, знаете, но овој пат не успеаја“.
„Имав многу вакви болиди, особено во деновите на Мекларен. Не знам кога и како ќе направиме пресврт, но тоа ќе мора да се случи. Минатата година тоа не го сфатија како што треба, но тоа не значи дека не можеме да го поправиме“.
„Ни недостига многу аеродинамички потисок, мора да работиме многу повеќе за да го додадеме во нашиот болид. Штом повеќе ќе го оптеретиме болидот напред и назад, ќе можеме да забрзаме“.
„Морам да останам позитивен, да ја држам главата горе и да продолжам да го туркам тимот. Ќе бидам позитивно светло за нив и ќе ги освојам најдобрите бодови што можам“, заврши Хамилтон.