Директорот на Tesla, Илон Маск изјави дека ќе ја поништи забраната за користење на Twitter за поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Маск ова го изјави на конференцијата на Financial Times, „Future of the Car“. Маск неодамна го купи Twitter за 44 милијарди долари. Профилот на Трамп имаше над 88 милиони следбеници, а му беше укинат пред самиот крај на претседателскиот мандат.
Трамп беше трајно суспендиран од Twitter кратко по нападот на Конгресот на 6 јануари, а од социјалната мрежа тогаш објаснија дека тој претставува „ризик од понатамошно поттикнување на насилство“.
Маск забраната ја оцени како „морално погрешна и едноставно глупава“.
Трамп за Fox News изјави дека нема повторно да користи Twitter дури и ако Маск му го купи и врати профилот. Наместо тоа, користи сопствена социјална мрежа наречена Truth Social.