Поранешниот македонски ракометен шампион Металург нема да го одигра натпреварот со Вардар закажан за вечерва, бидејќи е суспендиран од страна на ЕХФ.
Така, клубот од Автокоманда по суспензијата на евро-сцената, доби забрана за настап и во домашното првенство.
Европската ракометна федерација ја извести Ракометната федерација на Македонија за суспензијата на „Металурзите“.
Суспензијата на Металург е изречена поради долгови кон поранешни членови на клубот.
Металург преку својот профил на Facebook, попладнево соопшти дека натпреварот со Вардар е откажан, а за утре клубот закажа прес-конференција.
Дербито со Вардар требаше да се игра денеска од 18 часот во салата „Автокоманда“, а на клупата на „Црвен-црните“ требаше да дебитира новиот тренер Давид Дејвис.
По 16 одиграни кола во Суперлигата води Еурофарм Пелистер со исто бодови како и Вардар (43), но подобра гол-разлика, додека некогашниот гигант Металург е дури осми со 21 бод и надвор од плеј-оф зоната.