Новооткриен вид летечки рептил има карактеристика што досега не е забележана кај птеросаурусите.

Ватендорфската варовничка формација во Баварија на југот на Германија е позната по бројните и добро сочувани фосили од период од пред околу 150 милиони години. И последното откритие во серијата, ископано за време на проучувањето на блокови со фосили од крокодили, се однесува на посебен вид летечки рептил со долг клун полн со заби како густ чешел.
Имено, станува збор за Balaenognathus maeuseri, кој припаѓа на фамилијата птеросауруси - група летечки влекачи кои живееле во периодот на тријас, јура и креда. Овие помалку познати роднини на диносаурусите биле карактеристични по тоа што биле вешти летачи, поради што доминирале на праисториското небо.
Новооткриениот вид се движел низ плиткото и го користел својот долг клун за да лови ракчиња. Неговите 480 заби му дозволувале да се храни преку систем за филтрирање кој ја одделувал водата од храната, исто како китовите денес. Меѓународниот истражувачки тим, преведен од професорот Дејвид Мартил од Универзитетот во Портсмут, е на мислење дека појавата на „јадица“ на крајот од забите е уникатна карактеристика, која до сега не е забележана кај птеросаурусите.
„Тие веројатно ги користеле овие мали куки за да фаќаат ситни ракчиња - внимавајќи да не им се спуштат низ грлото и да не се заглават меѓу забите“, објасни Мартил. Додаде и дека името Balaenognathus е земено намерно бидејќи во груб превод значи „уста на кит“, а симболично треба да го опише нивниот стил на хранење со помош на филтрација.