Вимблдон, најголемиот турнир во светот на тенисот, ќе започне денеска, а овогодинешното издание ќе биде 137. по ред.

Третиот грен слем турнир во сезоната ни гарантира многу возбудувања, пред сѐ затоа што првиот фаворит за негово освојување не се вика Новак Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ, моментално вториот тенисер во светот, неодамна имаше операција на десното колено и неговиот настап на Вимблдон беше под знак прашалник, но на крајот реши да игра, а ќе го гледаме во првото коло во мечот против чешкиот квалификант Вит Коприва.
Psst. #Wimbledon starts today.
— Wimbledon (@Wimbledon) June 30, 2024
„Секогаш имам неверојатна желба да играм. Самата помисла да го пропуштам Вимблдон не ми се чинеше како што треба“, изјави Ѓоковиќ, кој со триумф може да стигне до рекордната 25-та Грен слем титула и да го израмни рекордот од 8 Вимблдони што го држи Роџер Федерер.
Исто така, доколку 37-годишниот Србин слави во финалето на 14 јули, ќе стане најстариот победник на Вимблдон во историјата.
Воедно, Ѓоковиќ ќе ја брани честа на старата гарда, односно тенисерите кои ги одбележаа изминатите 20 години натпреварување на Вимблдон.
Федерер е во пензија, Рафаел Надал го пропушта турнирот поради повреда, додека Енди Мареј последен пат во кариерата ќе игра на Вимблдон и до него доаѓа со цел да победи барем на еден меч, па доколку Ѓоковиќ не направи сензација, многу е сигурно дека за првпат по 2002 година нема да видиме еден од тенисерите на големата четворка во финалето.
Први фаворити годинава се најдобриот светски тенисер Јаник Синер и третопласираниот на АТП листата и бранител на титулата на Вимблдон, Шпанецот Карлос Алкарас. Интересно, двајцата ги освоија првите два Грен слем турнири сезонава. Синер го освои Австралија опен, а Алкарас Ролан Гарос.
Заедно со нив двајца и Ѓоковиќ, за освојување на Вимблдон сонуваат и Даниил Медведев, Александер Зверев и Андреј Рубљов.
These courts have seen so much.
— Wimbledon (@Wimbledon) July 1, 2024
Today, a new chapter begins 💚#Wimbledon pic.twitter.com/MyozIMo7Fg
Што се однесува до женскиот дел од турнирот, апсолутен фаворит е Полјакинката Ига Швјонтек. Најдобрата светска тенисерка го освои Ролан Гарос, а на Вимблдон доаѓа со серија од 19 последователни победи.
Шансите за титула на Полкинката ѝ се уште поголеми поради повредата на Арина Сабаленка, која во првото коло треба да игра против Емина Бекташ, но таа изјави дека воопшто не е сигурна дека ќе се појави на теренот.
Што се однесува до македонските тенисери, ниту годинава нема да имаме претставник откако во квалификациите учествуваше само Лина Ѓорческа, која на двапат со 7-6 загуби од Американката Саша Викери уште во првото коло.