Група битолчани со мирен протест пред Основниот Суд во Битола побара да биде ослободен од притвор Тони Ѓоргиевски-Фердо, за кого е поведена истрага поради убиство на Стојанче Соколов (44), исто така од Битола.
Починатиот Стојанче Соколов е познат на полицијата како прекршител на закони, а 20 години ги малтретирал семејство Ѓоргиевски. Пред да се случи убиството, истакна Јове Ѓоргиевски, син на притворениот Тони Ѓоргиевски, и се заканувал на неговата сестра, која заедно со двете деца утрото побегнала кај својот татко.
„Убиството се случи во самоодбрана, дојде со намера да нè отепа. Проблемот го имавме повеќе од 20 години, а пријавувавме во полиција. Ние не криеме ништо, ќе ја кажеме целата вистина, а сè е снимено од безбедносните камери кои ги имаме дома и снимката ќе ја покажеме. Татко ми си ја бранеше фамилијата, бидејќи пред да се случи ова сестра ми имаше закани и од својот дом буквално со трчање дојдоа кај нас. Немаше друго решение, јас бев буквално до татко ми, кога ја скрши вратата видов зомби, не човек. Нè нападна со нож, пукна татко ми со пиштолот, падна на земја и толку“, изјави Ѓоргиевски за медиумите.
Учесниците на протестот побараа институциите да му дозволат на Тони Ѓоргиевски да се брани од слобода.